Зборник на текстови на Факултетот за ликовни уметности, Скопје 2012.

Зборникот Уметниците за уметноста со поднаслов: текстови, изјави, слогани е првата ликовна хрестоматија од ваков вид, објавена на македонски јазик. Како учебно помагало, претставува посериозен издавачки чекор на Факултетот за ликовни уметности, што истовремено го антиципира и објавувањето на наредните изданија од областа на ликовните уметности.

Збирката текстови нема комерцијален карактер. Пред сè им е наменета на студентите и на постдипломците, но и на астстентите и на професорите на кои ќе им биде од полза и за практичниот дел од наставата. За разлика од претходните генерации дипломирани студенти, на актуелната, и на идните генерации, за прв пат им се приопштува ваков вид литература пишувана од самите уметници. Со неа не само што ќе им се прошират знаењата за теориските активности на конкретните уметници, туку ќе влијаат и врз нивното индивидуално обмислување, како на практично така и на теориско рамниште. Исто така, оваа збирка што содржи биографии за уметниците и илустративен материјал, нема да им биде од полза не само на студентите од ФЛУ, туку и на студентите од Институтот за историја на уметноста при Филозофскиот факултет, на Факултетот за драмски уметности, како и на студентите од интердисциплинарните студии и на други сродни образовни институции.

Во неа, селективно се опфатени дваесет и четири релевантни теориски текстови, напишани од шеснаесет најзначајни уметници кои што дејствувале во текот на ХХ век, а седдумина од нив сè уште се активни и во новиот милениум. Изборот, иако ограничен, на извесен начин претставува и вовед и пресек на различните предвоени повоени авангардни движења, што во доцните шеесетти години на ХХ век се слеале во концпетуалната уметност. Подоцна, од САД, концептуализмот спонтано ќе се прошири во Европа и во другите земји и ќе стане најраспространето меѓународно движење, што сè до денес е доминантно.

Конча Пиркоска

извадок од предговорот

Зборник на текстови на Факултетот за ликовни уметности, Скопје 2012.
Приредувачи Станко Павлески, Конча Пиркоска, Зоран Петровски
Текстови на Марсел Дишан, Барнет Њуман, Алан Капроу, Роберт Смитсон, Џорџ Брехт, Џорџ Мекјунас, Сол ЛеВит, Џозеф Косут, Јозеф бојс, Роберт Морис, Ханс Хаке, Барбара Кругер, Виктор Бргин, Џон Кејџ, Лори Андерсон, Луси Липард, Џени Холцер
Превод на Зоран Петровски, Сузана Милевска, Александра Бубевска, Маја Трајановска и Конча Пиркоска
Некомерцијално издание, стр. 254, ц/б илустрации

Publikacii-Umetnicite za umetnosta