Билјана Исијанин

Интервју со Гералд Харингер, уметник и ко-основач на Ди Фабрикантен од Линц, Австрија

Ди Фабрикантен е продукциска куќа, уметнички тинк-тенк и комуникациски центар за развивање и презентација на проекти што ги поместуваат културните граници.
Од 1990 до денес Ди Фабрикантен развија и имплементираа проекти кои ги третираат проблемите на транскултурните вредности и начини на комуникација.

Гералд Харингер е роден 1962. во Линц, Австрија. Тој е слободен културен работник и филмски уметник. Во 1990 дипломира на уметност и дизајн во Универзитетот во Линц, Австрија и стана ко-основач на Ди Фабрикантен. Во 1991/92 посетувал курс за филм и видео на Central St. Martins колеџот за уметност и дизајн во Лондон. Во 1993/94 тој е медиумски соработник во видео архивата на “The Kitchen” од Њујорк. Од 2004 тој е директор на одделот за маркетинг на фестивалот “Crossing Europe Film Festival” во Линц, Австрија.

 

Билјана Исијанин: Ди Фабрикантен не им се познати на македонската јавност, освен по соработката со Елементи и проектот Размени ги радикалните моменти! Дел од овој фестивал на жива уметност во 2011 беше одржан во Битола. Па, што се Ди Фабрикантен и кои се вашите интелектуални и креативни инспирации?

Гералд Харингер: Ди Фабрикантен почнаа со работа како продукциска куќа за мултидисциплинарна соработка, уметнички тинк-тенк и комуникациски центар. Ние сме тим од околу 5 лица. Нашите интелектуални и креативни инспирации доаѓаат од уметностите, науката и економијата, бидејќи ние истовремено работиме и како комуникациска агенција.
Еден пример од нашата уметничка работа е интердисциплинарниот работен симпозиум во напуштено село во Чешка. Девет дена учесници од Австрија и Чешка (уметници, научници, филозофи) живееја и работеа на “ничиј простор”, претходно целосно мртов, а потоа тие ги презентираа резултатите од нивната работа на јавноста. Друг пример е проектот Размени ги радикалните моменти! Фестивал на жива уметност, којшто го спомнавте и во кој нашата улога беше да курираме и претставивме симултано во еден ден, проекти во Чисинау, Линц, Ливерпул, Лондон, Париз, Прага, Рига, Слубфурт, Стокхолм и Битола.

Б.И.: Фокусот на вашата работа е живата уметност. Интересно е тоа што сте многу успешни во промоцијата и маркетингот. Дали е можно да се комбинираат овие две области, имајќи го во предвид фактот што идејата на живата уметност е да креира некомерцијална уметност? Дискутабилно е како маркетингот како комерцијална алатка егзистира во вашата организациона работа.

Г.Х.: Ние никогаш не сме го криеле нашиот комерцијален пристап. Тоа е само друго лице на нашиот хибриден идентитет. А за промоција на културни дела и идеи понекогаш е прилично корисно да се има тоа маркетиншко искуство и вештина. И во двата случаи, во таканаречените комерцијални, и во уметничките сфери, ние мора да обезбедиме парични средства, да направиме план, да организираме и рекламираме настани, да дистрибуираме флаери, да се промовираме на медиумите итн. Уметноста никогаш не е ослободена од овие структури и задачи, освен ако работите сам како сликар во атеље. Дури и тогаш треба да соработувате со сопственикот на галеријата доколку сакате да го изложите вашето дело.

Роб Ендрус, Безистен, Битола, 2011
фото: Александар Гроздановски
Како дел од Размени ги радикалните моменти! Фестивал на жива уметност, во соработка со Елементи, во прометниот Безистен во Битола, уметникот Роб Ендрјус од Њујорк ги миеше нозете на лица прекриени со наметки и ги покануваше минувачите да му се придружат во перформансот кој претставуваше ритуал на отворен човечки ум.

Fabrikanti, Tosevski

Игор Тошевски, “Супремус Тезга“, Размени ги радикалните моменти! Фестивал на жива уметност, Битола 2011

Б.И.: Еден од вашите последни проекти е наречен Хотел Опскура. За што се работи? Зошто хотел и зошто опскурност?

Г.Х.: Хотел Опскура е дел од интернационален уметнички проект, кој е во врска со размена и презентација на различни уметнички практики. Хотелските соби се привремено употребени за интеракција со посетителите. Настанот во хотелот во Виена траеше од 9-11 октомври 2015 во Магдас Хотел, хотел воден од бегалци. Ги прашувавме интернационалните уметници кои учествуваа во овој проект некои прашања како на пример: “Што значи тоа кога уметниците кои се занимаваат со перформанс не се единствените ‘експерти’?” Или, каде ја гледате вашата позиција како уметник во едно широко поле во кое имате потполна контрола над планираниот и испробан процес во перформансот? Бевме љубопитни во која форма инклузијата на хотелската соба во која се случува перформанс, може да предизвика партиципативна работа. Ситуација во која набљудувачите може да станат активни учесници. Тоа беше програмата и целта на проектот.

Б.И.: Како ја спојувате улогата на уметник и организатор или менаџер? Мислите ли дека овие две работи може да се надополнат?

Г.Х.: Не, никако. Но, се чини дека денес, во свет кој е раководен од проекти, потребно е да се имаат овие способности. Можеби тоа било важно и за Микеланџело или Дирер кои си имале уметнички компании, но не и за Диоген. Би можеле да го сметаме него за live art уметник?

Б.И.: Дали продолжувате со истата идеја во иднина – развивање и имплемантирање на проекти што ги засегаат транскултурните вредности и начини на комуникација?

Г.Х.: Да, бидејќи очигледно е дека има голема потреба во нашето општество да се негуваат работите на поинаков начин.

Б.И.: На кој начин вашите проекти ги поместуваат и тестираат препреките и придонесуваат за општествениот капитал?

Г.Х.: Се обидуваме да најдеме и создадеме многу различни форми на човечки средби. Да истражиме и култивираме нови форми. Можеби многу од аспектите кои ги сметаме сега за важни, се преценети. Кога после некое време ќе погледнеме наназад, можеби појасно ќе видиме што точно сме правеле сега. Секогаш постои прашањето за одржливоста, што е чудно, но е актуелен и вообичаен начин на размислување, главен критериум… Посебно за живата уметност можеме да кажеме дека е повеќе од доволно ако проектот ја погоди сегашноста и ги допре луѓето во еден многу длабок момент.

Б.И.: Дали успевате да ја избегнете државната контрола и да форсирате уметнички средби додека истовремено сте зависни од институции и фондации?

Г.Х.: Од моментот кога ќе земете парична помош од државата, имате одредени рестрикции. Обично треба да го опишете проектот предвреме, да направите буџет и извештај, како и финансиски извештај потоа. Во споредба со европските обврски, австриските правила и услови се прилично едноставни. И можеби има помала злоупотреба отколку во ЕУ. Но, бирократите на Европската унија многу се плашат од ова и се’ повеќе и повеќе вршат притисок врз менаџерите и уметниците. Бидејќи ова е случај и во Австрија, ние се трудиме да бидеме релаксирани и ведри во односот со владините структури. Но, во секој случај, тие имат влијание.