За јавниот простор, културата и уметноста.

„Културни простори за активни граѓани“ e проект на организацијата „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата – Скопје, кој се реализира во партнерство со „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ) – Битола/Скопје  и во соработка со „Гласен Текстилец“ – Штип, „Плоштад Слобода“ – Скопје и „Театар на Навигаторот Цветко” – Скопје.  Проектот се реализираше во временски период од 15 месеци (од мај 2017 до јули 2018 година) и беше насочен кон развој на нови модели за управување и користење на јавни простори преку вклучување и интеграција на граѓанскиот сектор и жителите во локалните заедници. Имено, преку креирање и имплементација на посебни методолошки пристапи и активности, проектот имаше цел да отвори прашања за и околу јавниот простор, просторот во културата и уметноста; или поконкретно, за неговата намена, користење, управување, односно употреба од професионалците во полето на културата и граѓаните. Ова се чинеше дека се итни прашања бидејќи во тој период беа активни неколку простори кои овие организации ги управуваа или блиско соработуваа, а она што постоеше како позадина, но и како некакво локално искуство и знаење, беше само интертниот институционален сектор. Оттаму, во времетраењето на овој проект, организациите-партнери во проектот кои повеќе години наназад се ангажирани со оваа тема, своето делување го насочија кон четирите простори: „Кино Култура“ – проектен простор за современи изведувачки уметности и современа култура во Скопје, киното на Железничка зграда во Скопје, Офицерски дом во Битола и КУЦ „Текстил“ во Штип.

Публикацијата e дел од проектот „Културни простори за активни граѓани“ на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата – Скопје во партнерство со „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ) – Битола/Скопје и поддржана од Цивика мобилитас.

Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска.