Ана Франговска

Што е пишувањето критика воопшто? Тоа не е професија, да бидеме реални, и не неминовно мораме да се занимаваме со неа.

Размислувајќи деновиве што да напишам за целите на овој симпозиум, низ глава ми поминаа повеќе опции, повеќе идеи, лични приказни, анализи, сондирања, но последното нешто што денес ми „светна“ е дека иако темава е горлива и глобално актуелна, навистина е здодевна. Жално е што оваа констатација ја дава еден, сакате наречете ме историчар на уметност, куратор, критичар, „мустра“ или што годе, но реалноста е таа. Еднава и иста тема се провлекува низ нашето ликовно-критичко-кураторско проседе веќе подолга низа години и ништо, ама баш ништо не се изместило од место. Па, драги мои колеги, дали со сила бива убавина? Зошто присилување кога состојбата во периодов очигледно треба да е ваква. Веројатно некои состојби (општествени, политички, еснафски, уметнички, едукативни) треба да созреат, да се надградат за да „пукнат“ за да создадат една нова, една поинаква, една поплодна атмосфера за креативно и културно уметничко живеење. И ние сега можеме да бараме еден грст причини за ваквата состојба и да ги анализираме и да се согласиме сите заедно дека состојбата е очајна, како и многупати до сега на други слични собири, кога сме заклучиле дека „ни е преку таквото…“, дека општествено-политичката состојба е недемократска и медиумите се едновалентни и инсинуирани (диригирани), кога сме рекле дека “сме успани и мрзеливи“ … “и баш ни е гајле за тоа“, дека “нема простор…“, дека нема атмосфера и култура и за пишување и за читање, т.е. толкување на критиката, дека има премногу жолчност, горчина, фрустрации, дека нема објективност, дека не се знае како, дека нема критична маса, дека нема за кого, дека нема за што. И после сите овие исти констатации кои се провлекуваат со години, па и децении, чуму толкави напори одново и одново?

Сте се запрашале зошто не пишувате критика? Еве јас самата си се прашав и констатирав дека не би пишувала ниту сега ниту во догледно време. За таквата моја констатација постојат неколку причини: првата е немање адекватен простор за пишување (ниту независни дневни весници ниту издржани неделници спремни за сериозни критички сондирања, а да не зборуваме за недостатокот од стручни списанија); втората е уметничката понуда на актуелната сцена, која честопати е анемична и во најголем број случаи неподатна, па оттука и неинтересна за анализа и вложување на каков било труд во неа; и третата причина е секако потценувачкиот /или никаков/ финансиски бенефит од еден толку одговорен зафат и занает каков што е пишувањето критика.

Што е пишувањето критика воопшто? Тоа не е професија, да бидеме реални, и не неминовно мораме да се занимаваме со неа. Станува збор за одлука, дали и како ќе пишуваме критика. Со „адекватното образование“ и индивидуалната надообразба можеме да се наречеме себеси и историчари на уметност, и археолози, и куратори, кустоси ако сме вработени во институции, а ако се занимаваме со вреднување на уметноста – критичари, тука нема двоумење. Но, да се пишува критика е премногу одговорна задача, за која не секој има „желудник“, бидејќи реперкусиите и негативностите се нејзина сестра придружничка. А дали имаме одговорност да ја пишуваме, дали сме обврзани да градиме и негуваме критички зрела мисла? Не знам, ни за тоа веќе не сум сигурна. Штом толку години не го чиниме тоа, веројатно и не мораме. Впрочем и молкот е некаков одговор, и тој е некаква критика.

Ајде да одговориме на неколку прашања: Зошто во Македонија нема култура и однос кон критиката? Каде е едукацијата? Каква е културната политика? Каде е невладиниот сектор и колку е тој моќен, навистина независен и гласен? Популистичката политика го зема својот данок. Се бориме со невидлив непријател, а битката ја губиме. Главен непријател – неедукацијата. Втор аргумент – економската состојба, кога некој нема леб да јаде, па и не го интересира културата. Тогаш на кого се однесува критиката, до кого е адресирана? На нас самите? До уметниците? Тие веќе влегуваат во сите институции, без оглед на нивната вистинска вредност, та очекуваме да го валидираат нашиот став, нашата оцена? Културна политика на неселективност и сеприфатеност. Еснафска некохерентност. Фрустрации и суети бликаат од сите страни. Секој обид за активизам, останува само како обид, без влијание и поместување во кој било правец. Нема масовност, нема етика. Институционалната зависност провлекува и институционална етика кон критичкиот ангажман.

Општата едукација во сите сфери на академска наобразба, не вклучува ниту најмал отклон кон почитување и „уживање“ на уметноста. Едукацијата во областа на историјата на уметноста, на теоријата на уметноста, на ликовната критика е на најниско можно ниво, неадекватни програми, неадекватни и недоволно искусни и обучени професори, недоволна размена на искуства со други едукативни центри и слично. За еден нов бран ликовна критика потребна е млада енергија и поиздржан тренинг во таа насока. Билдање на идни профилирани професионалци кои ќе имаат желба, волја, страст, ќе бидат објективни, релевантни, конзистентни и веродостојни. Ќе изнесуваат став и ќе дадат оцена за уметничката вредност, а нема да бидат лични и негаторски во самата природа. Нема да го оцрнуваат авторот или кураторот, да го навредуваат и омаловажуваат, туку ќе го анализираат делото, проектот, концептот со факти и профилиран вокабулар, достоен на занаетот.

Во врска со градењето на културните политики, по долгогодишната индолентност, во последните години имаше обиди вистинските проблеми да се детектираат, и тоа мошне шаблонски и провизорно се стори, но и таквото нивно спроведување во практиката оди и повеќе од тешко, така што централизацијата е сè уште во оптек, нема прогресивност, институционалните политики се навраќаат ретроградно кон старите системи на функционирање, потенцирањето на националниот идентитет е сè уште моментум, нема селективност, нема идеја за културен менаџмент и стратегија за вистинско креирање на политика за култура, во која и критиката ќе има суштинска ролја. Пари во културата никогаш повеќе немало, но каде и како се трошат? Каква е кадровската политика? … и уште многу други аспекти за идни дискусии ќе произлезат.

Невладиниот сектор има обиди за градење една поинаква култура, субверзивна и независна, општествено критична и без автоцензури, но колку е таа доволно моќна и јака, за да создаде, ако не да биде дел од актуелната културна политика, тогаш моќен паралелен културен систем на кој ќе се повикуваме, ќе го поддржуваме, а некој и ќе мигрира. Честопати и невладиниот сектор е опозиционерски наклонет, а со самото тоа и не сосема независен. И, на крај, збор-два за просторот, сега единствен на располагање, а глобално и кај нас мошне актуелен, податен, либерален: блоговите, фејсбукот, твитерот и друго. И во светот постојат многу релевантни електронски списанија за современата уметност, онлајн книги, блогови, осврти, критики итн. За поздравување се сите обиди и кај нас за користење на добробитта на ваквите дигитални платформи. Но, одново некултурата и непрофесионалноста се на прво место и едноставно дегутантно ми е како во нив сите станаа “општествено свесни“, “сезнајковци“, си најдоа поле за плукање, за исфрлање на јадовите и сето тоа најчесто беа релевантност, без издржаност, без конзистентност во ставовите. Без вредносен суд, без оценка, само чемер. Уште поинтересно и мошне дискутабилно е зошто некои од тие блогерски „ликовни критики“ не се отворени за реплики, оневозможена е опцијата за одговор, контра-критика, реакција.

Оттука драги мои колеги: Критика! Каде по ѓаволите критика?

 

Текстот на Ана Франговска е прилог кон симпозиумот на AICA Македонија во 2014 година, на тема Ликовната критика денес: “Но, јасно, и критика на уметноста“ .