Велимир Жерновски добитник на наградата на AICA Македонија за 2016.

Здружението на ликовни критичари AICA Македонија по трет пат ја доделува наградата „Ладислав Баришиќ“ за Предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика.

На отворениот повик распишан од 11 април до 20-ти мај оваа година се пријавија 5 проекти, а за овогодишен добитник е избран истражувачкиот предлог насловен „Шарена револуција“? (контекстуални предизвици на граѓанскиот отпор и уметниковиот активизам)“ на авторот Велимир Жерновски.
Tрочлено стручно жири во состав Валентино Димитровски (историчар на уметноста, ликовен критичар и куратор), Артан Садику (професор по филозофија) и Јованка Попова (историчар на уметност), по разгледувањето на доставените предлози одлучи дека предметниот проект на Велимир Жерновски заслужува да биде издвоен и награден со годишната награда за уметничка критика, „Ладислав Баришиќ“.

Актуелните состојби во општеството, политиката и во културата, на глобален и на локален план, недвосмислено го упатуваат дискурсот за состојбите во уметноста денес и нејзиниот претпоставен карактер во правец на фингирање на една ангажирано-критичка димензија не само на нејзините релевантни практики, туку, еднакво, и на уметничката критика како комплементарно дејствување во културната размена и живеење. Тргнувајќи од уверувањето дека денешната уметност и критика се во нераскинлива симбиоза и упатени на взаемно проткајување и надополнување, а она што на тој план обете ги апсорбира и насочува е доминантно критичката компонента и понирањето во актуелните социокултурни и политички состојби, сметаме дека денес релевантни практики во обете области може да бидат само оние што се критички димензионирани и упатени на актуелните случувања и состојби кај нас и во светот.

Токму проектот на Велимир Жерновски, „Шарена револуција“? (контекстуални предизвици на граѓанскиот отпор и уметниковиот активизам)“, наполно ги задоволува овие два критериума.Имено, од една страна, овој проект недвосмислено се фокусира на актуелните збиднувања околу граѓанскиот активизам и поливалентното спонтано дејствување во рамките на Шарената револуција, за разобличување на первертираните парадигми на власта во сите сфери на општественото живеење. Овој повеќегодишен активизам со интензивирање во актуелниот општествен момент, Жерновски го фокусира како своевидно концептуално перформативно дејствување. Од друга страна, проектот недвосмислено е фундиран како иманентна критика во вивисекцијата и разобличувањето на веќе подолго време етаблираните ригидни општествени и културни практики и политики кај нас. Неговиот фокус на „граѓанскиот отпор и уметниковиот активизам“, методолошки сериозно замислен како своевидна „архива“ на паметењето што ќе се профилира преку бројните интервјуа со граѓански активисти, новинари, неформални групи, уметници и критичари, сметаме дека ќе ги оправда нашите очекувања за длабинско и храбро соочување со актуелните состојби кај нас, како единствено релевантно и оправдано дејствување на оштествената, културната, уметничката и, пред се, на критичката сцена денес, вели овогодинешното жири за доделување на наградата.
За авторот:
Велимир Жерновски е уметник кој работи цртежи, видеа и фотографии, преку кои ги истражува промените во урбаната култура и прашањата поврзани со сексуалноста и родовиот идентитет, како и прашањата поврзани со постојаната транзиција, како на личниот, така и на идентитетот на сопствената генерација. Има остварено неколку самостојни изложби во Македонија и Европа и учествувал во повеќе меѓународни проекти и културни соработки. Од 2008 година е коосновач и претседател на Ф.Р.И.К (Формација за развој на иницијативи во културата), програма што работи на мотивирање на социјално ангажирана културна продукција ослободена од секаков вид стереотипи и предрасуди.

За наградата:

Наградата „Ладислав Баришиќ“ за Предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста кај нас.

Недостатокот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност, е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзината артикулација во контекст на современите уметнички продукции.

Оттука, наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.