Елена Вељановска

Излагање на работната сесија Улогата на ликовната критика во ерата на дигиталните медиуми

На симпозиумот на AICA Македонија се обратив од позиција на вонинституционален/ независен куратор т.е., како некој којшто работи подолг период во независниот културен сектор. Мојата општествена позиција, неминовно го дефинираше и мојот кураторски пристап, а мојот осврт се фокусираше на улогата на кураторот во креирањето на јавниот дискурс, како активен член во општеството. Преку својата кураторска пракса се стремам кон обезбедување подобри услови за прикажување на уметничките дела, како и на начините за презентација, и на тој начин предлагам теми за разговор или креирам простор за дискусија. Во презентацијата го разгледувам Фестивалот за критичка култура КРИК, како обид за создавање простор за развој на критичка култура и преку чиј пример се осврнав на темите предложени од организаторите на конференцијата.

На самиот почеток накратко ќе го претставам последниот долгорочен ангажман на Контрапункт, којшто заедно со Искра Гешоска го разиваме од 2012 година, започнувајќи од проектот Проширено естетско образование, којшто прерасна во Фестивалот за Критичка култура, КРИК. Со оглед на радикализацијата на македонската, но и светската политичка состојба и нашиот проект значително се измени, и го прошири својот фокус од само естетско кон истражување на односите на естетичкото/уметничкото и политичкото, коишто неизбежно се испреплетуваат во добата на нови медиуми и економска и политичка несигурност. Фокусот на оваа програма е ставен на еманципација на културниот сектор и контирунирана самоедукација преку семинари, јавни предавања и изложби. Овој проект, но и други проекти на Контрапункт, нам ни овозможуваат да го креираме потребниот простор за критичка култура, каде што постојано се трудиме да направиме баланс меѓу темите коишто се актуелни на глобално ниво, и да се обидеме да ги презентираме на локално ниво, без притоа да изгубиме контакт со нашата публика. Оваа долгогодишна работа резултираше во првото издание на фестивалот КРИК, чијашто програма се состоеше од изложба, филмски фестивал, предавања, перформанси и конференциски дел. Темата на овогодинешниот фестивал беше “Архиви на насилство”, а за реализирање на истата имавме околу триесетина автори од Македонија, екс-ју регионот и Европа. Содржините беа креирани со фокусот на оваа тема, и ја обработуваа од повеќе аспекти: уметнички, филозофски, социополитички и економски. Целта на овој пристап беше да се овозможи дискусија, да се овозможи присуство на луѓе во реален простор, да се конфронтираат мислења и разменат знаења. Додека, дискурзивниот дел се фокусираше на теоретизирање и дискутирање на насилството, визуелниот дел (изложбата и перформансите креирани за овој настан), се обидоа да го прошират уметничкиот јазик и тематика. Преку двата дела се осврнавме на широкиот спектар на општествени и политички кризи – човекови права, родова нееднаквост, разорност и насилие врз животната средина, образование, слобода на говор, попречување на правото на домување, слобода на движење.
Институциите во Македонија во последниве години влегоа во длабока хибернација. Свесна сум за недостатокот на финансиска поддршка којашто доведе до оваа состојба, но исто така сум за жал свесна и за бранот на градење нови институции коишто гласно говорат за политиките на затвореност, националната самодоволност и историскиот ревизионизам којшто опфати и дел од интелектуалната сфера на расудување. Овие тенденции доведоа до крајна продукциска и тематска изолираност од современите текови во уметноста. Преку овој настан ние сакавме да реферираме за оваа состојба, и да се обидеме да ја прикажеме моќта на архивата да му се споротивстави на тоа насилство. Пристапот на сондирање имаше за цел да ги поттикне нашите сетила за препознавање и регистрирање на насилството кое нѐ опкружува секојдневно, она на кое сме се навикнале, но и на структурното насилство низ политичките системи, како и да ги визуелизира дисонантните односи помеѓу оние кои владеат и оние со кои владеат и да го засведочи невидливото, што не се разликува толку лесно од насилството. Целта на фестивалот, како и на изложбата беше отварање на простор за дијалог каде што критички ќе се опсервира општеството преку уметност, но и преку разновидни анализи од областа на економијата, филозофијата и културната критика. Проектот беше реализиран во просториите на Националната Галерија на Македонија – Чифте Амам.
Минатава година, со новиот бран на директори, се забележува едно мало придвижување во динамиката на работењето барем на дел од институциите да се консолидира минатото на современата македонска уметност, но и да се отворат институциите за соработка со регионот и пошироко. Затоа од широкиот спектар на прашања поставени на оваа конференција, во своето излагање би сакала да се фокусирам на прашањето: Дали е потребна трансформацијата на улогата на музеите, галериите и други јавни институции во производство, презентација и колекција на современа уметност во контекст на посеопфатна промоција и поддршка на уметничката критика.
Имајќи ја на ум моменталната состојба, промена е повеќе од потребна, но прашањето коешто сите си го поставуаваме е како да дојдеме до тоа? Бидејќи сум на релација Скопје-Берлин веќе од 2009 година, бев замолена од модераторката Нада Пешева да споменам неколку примери на институционално работење, примери што би можеле да се применат и кај нас. Се одлучив накратко да претставам два примери, чијшто пристап во работата е значаен пред сѐ во инклузијата на пошироката Берлинска заедница.
Од “помалите” би ја спомнала NGBK (Neue Gesellschaft fur bildende Kunst Berlin)/ (Нoва асоцијација за визулена уметност Берлин), заради нејзинот модел на работа. Ова е институција со транспарентен начин на одлучување, каде што членките еднаш годишно одлучуваат и ја избираат програмата за следната година. Секоја апликација мора да биде поднесена од група од минимум 5 лица, од коишто едниот мора да е член на НГБК. Потоа на јавна презентација од по дваесетина минути се презентираат предлозите, и по пат на тајно гласање се избираат проектите за следната година. Секој присутен член има право на глас. Се избираат по 6 проекти годишно коишто добиваат буџет за реализација на програмите коишто се состојат од изложби и дискурзивна програма, а програмите се во времетраење од два месеци. Она коешто е специфично за НГБК е дека преку овој начин на колективно одлучување одлуките имаат целосна транспарентност, а истата таа отвореност и придонесува кон разработување на многу актуелни теми, како на пример: КВИР изложби, проекти коишто се занимаваат со третманот на жените во здраствениот систем на Германија, Цензура на уметноста во Азиските земји, како и во последниве години зголемувањето на фокусот на изложби и проекти коишто обемно ја третираа Грчката криза и Опресијата на интелектуалците во Турција од страна на Ердоган и многу други.
На сосема друго ниво, работи една друга институција, HKW (Haus der Kulturen der Welt) / (Куќа на уметностите на светот). Оваа институција, делумно финансирана од јавни средства, е отворена и нуди широк програмски спектар, во распон од нови медиуми, филозофија, политика, концерти, филмови, читања, а во исто време работи и на свои долгорочни истражувачки проекти предводени од истражувачкиот тим којшто е дел од институцијата. Во моментов е во тек двегодишниот проект “100 години сегашност”, во којшто музички и едукативни проекти, дискурси и претстави ќе се осврнат на глобалните трансформации и класификациски системи коишто се развиваат по Првата светска војна. Преку нивните програми, оваа институција дава прекрасен пример за континуирано градење критична свесност за политиките коишто го обликуваат нашиот живот и опкружувње, користејќи мултидисциплинарен пристап во истражувњето.
Она што овие примери јасно го говорат е дека критиката одамна не е само коментар, осамена проценка на дело, туку е култура на живеење и фокусирана програмска цел на делување којашто треба постојано да се развива, гради и надградува. Иако овие две институции се сосема различни, она коешто мене ми е значајно во нивната работа е нивниот капацитет и свест за вклучување на берлинската заедница во креирањето на своите програми. На тој начин тие им даваат поддршка на овие програми, но и ги поттикнуваат да се развиваат, а во исто време се дом за сите професионалци коишто ја восприемаат нивната програма.
И на крај, како што најавив во малиот апстракт, јас тука на некој начин ја застапувам онаа многу мала група културни работници што својата практика ја развиваат во независниот сектор, или вонинситуционално. Се разбира дека како кураторка, имам соработувано со повеќето релевантни културни институции во Скопје, но и низ Македонија. Она коешто јас го лоцирам како разлика меѓу овој независен од една, и инстиуционалниот сектор од друга страна, е флексибилноста на малите тимови сами да одлучуваат програмски и содржински, но и предноста којашто самофинансирањето ја нуди, како и вмрежувањето и размената на идеи и програми на интернационално ниво. Тоа доведе до развој и профилирање на неколку актери од оваа сцена кои се заслужни за осовременување на македонската уметничка сфера. Независно дали зборуваме за современи уметнички практики, нови медиуми, теорија на култура, современи кураторски практики, перформанс и современ танц, како и многубројни видови и модели на алтернативна доедукација, колективни модели на самоедукација, дебатирање и критичко мислење. Дискурсот создаден во 90-тите години на минатиот век, па потоа и во последните петнаесетина години од овој сектор, ја збогати сцената и е можеби најзаслужен за постоењето и на каква било мала идеја за критичко промислување на уметноста и општеството. Но, иако се карактеризира со екстензивна програма и богато портфолио, недостатокот на поддршка и суштинска соработка и развој со институциите, но и неможноста да влијае врз менување на легислативите за поддршка на независната сцена, понекогаш недостасува континуитет во работата како и валоризација и архивирање на истата.
Институциите од друга страна, имаат ресурси коишто му недостасуваат на независниот сектор: простор за изложување, простор за архивирање, депоа, процедури на архивирање и документирање и најбитно од сѐ, обучен кадар чијашто главна дејност е токму архивирањето и следењето на овие промени. Тие се во позиција да истражуваат, дефинираат и едуцираат. Па затоа, на крајот само би сакала да потенцирам на потребата од соработка на институциите со уметниците и независниот сектор во подобрување на оваа состојба. Како најзначајни точки за развој ги гледам прецизното тематското профилирање, креирање на простор за дискусија и креирање на едукативни програми коишто се од суштинско значење за континуитетот за развивање на критичката мисла. Институциите ја имаат базата за сето ова, но без соработка со оваа активна група на културни работници, се занемарува огромен капацитет и потенцијал. Па затоа еден од моите предлози за надминување на овој јаз е препознавање на овој ресурс како подеднакво значаен за осовременување на веќе постоечките институции со нови теми и пристапи. Моја надеж е наскоро да видам отварање на институциите кон суштинска соработка со локалната сцена. Под суштинска соработка подразбирам соработка на два професионални ентитети на еднакво рамниште, во којашто креираат долгорочни стратешки соработки како партнери. Досега независниот културен сектор во најдобар случај ги користи институциите и има статус на клиент/корисник за одреден, макар и симболичен надомест. Но верувам и знам дека од двете страни постои голем потенцијал за развој на заеднички програми, па затоа сакам да го завршам моето излагање со надеж дека наскоро нештата ќе започнат да се движат во оваа насока.