ГОДИШЕН СИМПОЗИУМ НА AICA МАКЕДОНИЈА „ЛИКОВНАТА КРИТИКА ДЕНЕС“

Онлајн изданието на годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – AICA Македонија „Ликовната критика денес“, насловен „Обликување на состојбата на промени“ ќе се одржи на 17-ти декември (четврток), 2020, на фејсбук страницата на АИКА Македонија, со почеток од 18 часот.

Работната сесија на програмата вклучува излагања и дискусија на тема Обликување на состојбата на промениконципирана и модерирана од Ана Франговска.

Организација: Управен одбор на AICA Македонија. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Град Скопје со институционална поддршка од НУ Музеј на современа уметност – Скопје.

Во календарската година која изминува, сите се соочивме со една „нова реалност“, на која најнапред требаше да се навикнеме, а потоа во рамки на таа општа состојба да функционираме. Се поставува прашањето КАКО, бидејќи кај нас и онака во културата, особено во доменот на визуелните уметности, сѐ функционира со подбуткување, материјално неоправдано потценети субвенции и економски дефицит, како и многубројни импровизации, па во оваа пандемиска криза уште повеќе се емфазираа и се доведоа до знак прашалник условите за работа, инвентивноста, анахронизмот и состојбата со уметноста ДЕНЕС на македонската ликовна сцена. Уметноста отсекогаш била отворен критичар на состојбите, но и алатка која во вонредни услови нуди една поинаква перспектива. За време на глобалните превирања, историјата налага уметноста и уметниците да имаат повеќе значење од било кога. Уметничките дела создавани во време на чуми, војни, прогонства, политичка несигурност, миграции и природни катастрофи се значајни, почитувани, славени. Дали е така и кај нас сега? Како на нас гледаат економиите кои се соочуваат со едни од најголемите предизвици во последните децении? Дали се нудат перспективи за поддршки на дигиталните уметности и онлајн настаните и кај нас? Кои се понудените опции и платформи, дали се дискутира отворено за можностите? Да ја отвориме пандорината кутија, која ќе изнедри многубројни проблеми со кои генерално се соочува македонската уметничка сцена во 2020 година. 

  • Уметност на пандемијата и промена на курсот на создавање и презентирање на уметноста.
  • Дали македонската уметност е анахрона и зошто?

Ана Франговска, куратор и координатор на симпозиумот

ПРОГРАМА НА СИМПОЗИУМОТ:

Благоја Варошанец: Skopje secret spots – истражувачки проект; Презентирање на победничкиот проект на наградата на АИКА „Ладислав Баришиќ“

Владимир Јанчевски: Современиот музеј како поле за конструктивна конфронтација

Маја Чанкуловска Михајловска: Пандемија, уметност и документација

Ивана Васева: Голо тело. Уметност во вонредни времиња

Опа (Слободанка Стевческа): Затоа што македонската уметност е провинциска*!

АПСТРАКТИ:

Благоја Варошанец: Skopje secret spots – истражувачки проект: Презентирање на победничкиот проект на наградата на АИКА „Ладислав Баришиќ“

Проектот се осврнува на ургентната потреба од документирање, мапирање и архивирање на современото модерно уметничко наследство: скулптури, објекти, мурали, мозаици, витражи и сл., поставени во јавен простор на територијата на градот Скопје, создадени во периодот по втората светска војна сѐ до 90-тите години на 20 век. Тој им дава видливост на познатите, а открива и помалку познати остварувања на модерната, реализирани во јавен простор, на отворено, но и во разновидни објекти од јавен карактер: згради на јавни установи и деловни објекти, дворови на фабрики и сл. Ова истражување и дава светлина на модерната уметност и од контекст на круцијалноста во урбанистичкото планирање на градот, во кое уметнички дела се планираат како интегрален дел од една архитектонската целина, а не како нивна декорација. Со тоа проектот открива дела и целини коишто преку годините и заради непланските зголемувања, украсувања и сквернавења на јавниот простор (особено со проектот Скопје 2014) се сокриени, запоставени, оштетени или оставени на забот на времето.

Владимир Јанчевски: Современиот музеј како поле за конструктивна конфронтација

По повеќегодишните обиди за ново толкување и пополнување на утврдените историски дупки низ еден наратив кој го претвори јавниот простор во една постојана музејска поставка на спрегата на културниот конзервативизам и неолибералниот економски модел, денес секако вреди да се отвори прашањето за критичкиот потенцијал на музејските институции во име на реализацијата на поправедно општество и особено за можностите за дефрагментација на општественото: радикално поинаква од онаа наметната со возобновените, романтичарски метанаративи кои се активни.

Ако според Хито Штаерл, „Фабриката“ на Ворхол била антиципација и модел за функционирањето на современиот музеј и за обидите да се дофати современоста во општиот тек, денес се чини дека и таа позиција ја одиграла својата улога и се движи кон ќорсокак бидејќи оди во прилог на сеопштата фрагментација и на затворањето во „вечна сегашност“, без обид за разбирање на минатото, а со тоа и без проекции за иднината.

Денес, на крајот од втората деценија на 21 век, прашањето за уметноста и релациите со музејскиот концепт може да ги поставиме помеѓу инверзниот однос на две прашања: Дали на современата уметност ѝ е потребен музејот, односно дали на современиот музеј му е потребна уметност?

Маја Чанкуловска Михајловска: Пандемија, уметност и документација

Документирање и архивирање како форма на акција – предизвици и трансформации во процесот на продукција и презентација на уметноста во изолација преку неколку примери за осмислување и функционално одржување на бележењето на состојбите.

Создавање и чување на архивите – потребата од дигитално документирање и презентација на процесот како генератор на информации во услови на дислоцирано физичко присуство и колективна поврзаност преку платформи за интерактивна комуникација и инклузија.

Ивана Васева: Голо тело. Уметност во вонредни времиња

Експлицитни сцени. Голо тело. Голотија. Тело. Уметност. Коронавирус.

Каде сме ние сега (Кои сме ние всушност?), 1976 е насловот на изложбата на раните дела на Вито Акончи во ПС1 во Њујорк која имав прилика да ја видам во 2016 година. Една од главните теми за дискусија беше дали да се стави дисклејмер пред музејската публука кога се претставува видео во кои има голи тела во некаква акција или пак да се предупредува кога на студенти по уметност им се презентираат уметнички дела со слична содржина?

Власта Делимар во Скопје во јавен физички отворен простор во 2020 година. Дали ова вонредно време, после сите вонредни општествено – политички секвенци,ќе ни посочи – Каде сме ние сега (Кои сме ние всушност?), 2020?

Опа (Слободанка Стевческа): Затоа што македонската уметност е провинциска*!

Ќе ја заобиколам пристојноста и ќе објаснам сељачки:

– Зошто културните институции се провинциски?

– Зошто невладиниот сектор е провинциски?

– Зошто образовните институции се провинциски?

– Зошто авторите се провинциски?

– Цицката намерно ќе ја игнорирам, како небитна во случајов.

—–

*Се однесува на второто значење на терминот „провинциски“.

БИОГРАФИИ НА УЧЕСНИЦИТЕ:

Ана Франговска (1978 г.) е докторант по современа уметност и медиуми на Универзитетот Сингидунум во Белград, историчарка на уметност и виш кустос во Националната галерија на Р.С. Македонија. Со дваесет годишно кураторско, едукаторско и истражувачко искуство во современата визуелна уметност таа има реализирано многубројни меѓународни кураторски проекти меѓу кои: „Есенција на егзистенцијата“ (заедно со Маја Чанкуловска – Михајловска и Горанчо Ѓорѓиевски), изложба на современа македонска уметност, Национална галерија на Косово, Приштина, 2017; Народни Музеј Црне Горе, Цетиње, 2016; Куќа за уметност и луѓе Лауба, Загреб, 2015; „Утопија“ меѓународна концепциска изложба, Мултимедијален центар Мала станица, Скопје, 2015; „Во потрага по заедничко тло“ (заедно со Бојана Јанева Шемова), македонска современа уметност, Хала 10, Минхен, Германија, 2016; Центар за современа уметност, Баку, Азербејџан, 2015; „Transfiguring“, групна концептуална изложба на современата македонска уметност, Чешки центар Прага, Прага, Република Чешка, 2014; „Breat и Sault“, групна концептуална изложба на современата македонска уметност, Палата Porcia, Виена, Австрија, 2013; „Silentio Pathologia“, Елпида ХаџиВасилева, Павилјон на Република Македонија на 55та Меѓународна ликовна изложба la Bienale di Venezia, Италија, 2013 година и др.

Благоја Варошанец (1982, Скопје) е кустос во Музејот на современата уметност во Скопје. Дипломира на катедрата на Историја на уметност со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Образованието го продолжува на постдипломски интердисциплинарни Културолошки студии во книжевноста на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 2019 година станува член на Извршниот одбор на МНК ИКОМ, а во 2020 година се стекнува со стручното звање Виш кустос. Неговата префесионална определба е ориентирана кон водење и презентирање на колекцијата во Музејот, како и презентирање на современи уметници. Има курирано над 50 изложби на светски познати уметници, изложби во соработка со Британскиот Совет, како и Биеналето на млади, интернационални изложби и соработки. Се занимава со фотографија и истражувања во областа на културата и уметноста.

Владимир Јанчевски (1984 / Скопје) е независен истражувач од Скопје, кој паралелно работи на полето на современата уметност и визуелните студии. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, односот уметност и политика,  иконокластички акти и визуелни конфликти. Од 2004 организирал, курирал и учествувал на бројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство. Бил член на јадрото на уметничката иницијатива КООПЕРАЦИЈА (2012-2015). Од 2011 година соработува со ЦВС-Скопје, учествувал на повеќе меѓународни конференции (Скопје, Кил, Загреб, Будимпешта, Ријека, Вилнус итн) и организирал јавни предавања во Скопје. Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од здружението АИКА-Македонија.

Маја Чанкуловска-Михајловска е родена 1976, Скопје, Македонија. Историчар на уметност, работи во НУ Национална галерија на Р.С. Македонија како виш кустос. Член на АИКА (од 2006) и ИКОМ (од 2005). Претседател на МНК ИКОМ од 2016.

Ивана Васева (1984, Скопје) е кураторка и истражувачка на кросдисциплинарни, соработнички и општествено ангажирани дела и програми во современата визуелна уметност. Досега курирала и претставила многу изложби, дискурзивни проекти и различни програми во земјава и во странство и издала и уредила повеќе публикации. За проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ ја доби престижната награда „Златна Трига“ на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година (кураторка на проектот). За истражувачкиот проект „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ (2015 година, коавторка) е добитничка на наградата „Ладислав Баришиќ“ на АИКА – Македонија, а е добитничка и на посебната награда за архитектура од Асоцијацијата на архитекти на Македонија  (2014 година, коучесничка). Таа е програмска директорка на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У) и е кокураторка на АКТО Фестивалот за современи уметности кој постои од 2006 година. Васева дипломирала на Факултетот за историја на уметност при УКИМ во Скопје, а специјализирала кураторство на Кураторската програма на de Appel arts centre во Амстердам, Холандија.  

Слободанка Стевческа, визуелна уметница, дипломирала и магистрирала на ФЛУ Скопје. Од 2012 година предава на истиот факултет. Во 2001 година, заедно со Денис Сарагиновски, го основа колаборативниот тим ОПА (Опсесивно посесивна агресија), чии практики се не-колектибилни, базирани на контекстот и, или ефемерни или дистрибуирани во повеќе копии. Нивните дела честопати содржат пародија, креирана или изместена реалност, мокументарни пристапи, стратегија на субверзивна афирмација или стратегија на „преидентификација”, итн. Во последните неколку години, фокусот на ОПА е развивање практични утилитарни решенија и конструктивни уметнички стратегии како алтернатива на критичките. Има остварено резиденцијални престои во Франција, Естонија, Германија, Швајцарија, Чешка и Холандија и има учествувано на бројни групни изложби и фестивали како, Трансмедиале, Берлин; Rencontres Internationales Парис/Берлин; Биенале на современи уметности, Москва; Трансеуропа Европски театарски и перформанс фестивал, Хилдесхајм; Freewaves – Биенале на нови медиуми, Лос Анџелес; I Had a Dream, Kunstraum Baden, Швајцарија; Victory Obsessed, Културен центар Замек, Познан; Аутострада биенале, Призрен; Ars Electronica, Линц, итн. Соосновач и активен член е на иницијативата Кооперација (2012-2015).