Програма:

  1. Воведна реч на претседателот на AICA Македонија и информирање околу годишните активности на здружението
  2. Доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“ за истражувачки проект и куса видео презентација
  3. Промоција на книгата: „Присуство – истражувачки текстови на добитниците на наградата ‘Ладислав Баришиќ’“
  4. Дискусија „Архивирањето како изведување на критичка пракса“
    • Координатор и модератор: Билјана Тануровска Ќулавковски
    • Говорници: Зоран Петровски, Слободанка Стевчевска (OПA), Владимир Јанчевски
  5. Предлози за нови членови на AICA Македонија
    • Предлозите се доставуваат најдоцна до 19.11.2025 по електронски пат
    • Гласање на 20.11.2025
    • Важна напомена: Предлозите за прием на нови членови на AICA Македонија се доставуваат по електронски пат најдоцна до 19 ноември 2025, за да може да се гласа за нив на 20 ноември.
  6. Промовирање на наградата „Борис Петковски“ и прогласување на првите добитниците во три категории
  7. Коктел 

Оваа година фокусот на симпозиумот е дискусијата „Архивирањето како изведување на критичка пракса“, концепт на Билјана Тануровска Ќулавковски, посветена на архивите и колекциите како простори на нови интерпретации и создавање алтернативни наративи. Дискусијата ќе отвори прашања за тоа како преку уметнички, активистички и кураторски процеси архивите можат да станат места на солидарност, заедничкост и критичка продукција на знаење.

Апстракт:

Дискусијата „Архивирањето како изведување на критичка пракса“ ќе се фокусира на тоа како архивите (вклучувајќи ги и колекциите како музејски архиви) кога се активираат преку уметнички, aртивистички, активистички и кураторски процеси, изведуваат критичка перспектива и воспоставуваат поинакви системи на вредности, солидарност и сеќавање. 

Потпирајќи се на согледувањето на кураторот Чарлс Миерведр (Charles Merewether) за архивата како определувачки модерен апарат преку кој се пишува историјата и се воспоставува авторитетот, сесијата ќе истражи како уметничките практики, независните иницијативи и кураторските постапки го потврдуваат или оспоруваат тој авторитет преку реосмислување на архивата како место за создавање нови односи, конвивијални процеси и повторни читања на контекстот, а со тоа и на нејзиното присуство, минато и иднина.

Начините на кој концептите на архивите, како што вели Миерведр биле дефинирани, испитувани, оспорувани и реосмислувани од уметници и културни истражувачи од почетокот на дваесеттиот век до денес, во сферите на уметноста и културната продукција  претставуваат места каде се јавуваат некои од најрелевантните прашања за тоа што претставува една архива и каков авторитет таа има во однос на својот предмет на истражување или критичко промислување.

Присуството и отсуството на архивите, продукцијата на знаење преку грижата за делата, практиките и дискурсите – видливи и невидливи – како и нивното поврзување и реисчитување, претставуваат постојан предизвик за критичко преиспитување и кураторската пракса. Кој ги создава и институира архивите, како ги означуваме и колку ги отвораме како места на појавување (Хана Арент) е прашање на кое ќе се осврнеме, дискутирајќи за архивите како простори каде потиснатите истории и гласови повторно се појавуваат и стапуваат во интеракција, и каде преку реактивација и реисчитување се создаваат нови контексти и значења.

Во тој правец, ќе претставиме уметнички и кураторски пристапи како што се архивскu реконструкции, нивни релациски и проблемски исчитувања и поврзувања, итн. – кои покажуваат како архивата може да биде жив, реформирачки и критички простор. Самиот фокус на дискусијата, ќе биде ставен на примери што ќе ги претстават излагачите, преку кои архивата ќе се разгледува како пракса на солидарност, заедничкост, проблемски поврзана пракса, а и форма на отпор, како политички и етички чин, и како чин на спротиставување на институционалниот заборав, и грижа за културната меморија. Односно, каде што се поврзуваат личните заложби со колективното сеќавање, и кои отвораат прашања за создавање на нови етички и политички форми на знаење. Дискусијата исто така, ќе истражи како архивирањето и повторното читање на архивите преку уметнички и кураторски практики може да стане чин на реконфигурирање на архивата во жив екосистем на одговорност, поврзаност и заедничко дејствување.

Учесници во дискусијата се Владимир Јанчевски, Слободанка Стевческа и Зоран Петровски. Дискусијата ќе ја модерира Биљана Тануровска – Ќулавковски.