Кураторска изложба на Дејан Буѓевац

Национална галерија – Мала станица

23. – 27. 11. 2015

 

Меѓународната групна изложба Looking At Nothing (Desire In The Future) е поставка реализирана со цел во еден простор да се презентираат видео остварувања на автори од нашиот регион кои интензивно и фокусирано се бават со аудиовизуелното, со моќта на визуелните култури и медиуми и нивните влијанија, односно со „видеото како можност за преиспитување и критика на своето битие“ – Розалинд Краус (Rosalind Krauss).

Самата изложба се состои од дела на уметници кои по својот визуелен, естетски, поетски и ликовен јазик и културен сензибилитет имаат блиски или слични „склоности“ во однос на „видео сликата“, односно во бележењето на одредени состојби и перцепции од самата физичка/креативна стварност и нивно претворање во визуелни „немости“ и кадрирани „тишини“ на самите нешта…

Изложбата Looking At Nothing (Desire In The Future) ја сочинуваат дела од авторите Ана Адамовиќ (Србија), Taња Деман (Хрватска), Мирна Арсовска (Македонија), Давор Санвинценти (Хрватска), Горан Шкофиќ (Хрватска), Тихомир Топузовски (Македонија), Владимир Николиќ (Србија), Марко Марковиќ (Хрватска) и Александар Спасоски (Македонија).

Во прашање се мултимедиумски автори од регионот, со значајна творечка активност и препознатливост на меѓународната уметничка сцена во последната деценија, кои најчесто своите концепти и конструкции ги реализираат преку медиумите како што се филм, звучни и видео проекции, фотографија, видео инсталации и аудиовизуелни перфоманси.

Овие автори креираат естетизирани „состојби“, „движења“, „слики“ и „кадри“, надвор од вообичаениот и доминантен третман на визуелниот јазик, кој што најчесто е исполнет со психосоцијални секвенци и информативни содржини и пораки од коишто гледачот на прагматичен и мошне агресивен начин треба да бида релаксирачки „вознемирен“.

Сите видеа на изложбата се „испразнети“ од нивните оригинални звучни содржини и претставуваат „чисти“ подвижни слики и визуелни обликувања и промислувања, во кои гледачот може да се препушти на нивните, понекогаш заводливи вибрирачки површини.

Во прашање се дела во коишто се допираат и преплетуваат личното(семејното) сеќавање, амбиенталната поетика на повторувањето која до крајна можност ја банализира идејата за „тематски почеток и крај“ на делото, статичната тишина на видео сликата, суптилната естетика на „неважното“ која бара активирање на повеќе сетила… Се работи за тактилни и бавни „анахрони“ бележења, кои независно од идеите и концептите на авторите, на моменти делуваат како естетизации на „некои минати и исцрпени времиња, кои можеби и не се случиле и кои треба да се случат“.

Овие уметници во своите видеа се занимаваат со оној остаток/недостиг/вишок, кој не освојува, кој не фасцинира, кој не драматизира и не претендира, туку овозможува една поинаква „забавеност“ на стварноста и минливоста на нештата? Едно поинакво промислување, кое не е ниту носталгично, ниту толкувачко, туку е поинаков временски-просторен пристап наспроти хистеричниот проток на времето, коешто денес се` повеќе се поврзува исклучиво за поимот на брзината. На тој начин, овие дела ни овозможуваат можност за едно поинакво разбирање на визуелниот простор и на она што се случува околу нас.

Изложбата ќе биде поставена до 27-ми ноември 2015 година.