Наградата “Ладислав Баришиќ“ на AICA Македонија за 2015 доделена на Ивана Васева и Филип Јовановски

Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија по втор пат ја доделува наградата „Ладислав Баришиќ“ за Предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика.

На отворениот повик распишан од 17-ти март до 1-ви мај оваа година се пријавиле 6 проекти, а за овогодишен лауреат е избран истражувачкиот предлог насловен „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ на авторите Ивана Васева и Филип Јовановски.

„Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ е истражувачки проект кој се обидува да испита одреден аспект/ карактеристика од македонската историја на уметноста во 20 век – поконкретно во втората половина на 20-ти век започнувајќи од 1945 година, но и да навлезе во најновата уметничка продукција во земјава – а тоа е идејата на колективното здружување на полето на уметничката продукција во различни уметнички групи со идеја да ја види моќта, потенцијалот и оттаму политичката релевантност на ваквите практики. Ова истражување прашува дали колективното дејствување во уметноста отвора можности и размислувања кои не го таргетираат и поттикнуваат само уметничкиот развој и ескпериментирањето, со идеја за взаемен поттик и поддршка туку дали кај нас постојат здружувања кои можат да придонесат кон политичка промена преку уметничко дејствување и дали постојат уметнички колективи кои се стремат да креираат нови релации меѓу луѓето и нови односи во одредениот систем, кои ќе се разликуваат од претходните.

Трочлено стручно жири во состав Искра Гешоска (теоретичарка на културата), Лазо Плавевски (историчар на уметноста, ликовен критичар и куратор) и Јане Чаловски (ликовен уметник, куратор и пиблицист), по разгледувањето на доставените предлози за награден го одбра проектот на Васева и Јовановски заради своето обемно значење и третманот на две клучни нешта за нашиот социо-културен контекст кои не се доволно обработени, а се важни не само за современите визуелни практики туку за уметничките практики воопшто, a тоа се: бинарната корелација уметност – политика, односно уметноста како политичко артикулирање на светот, а со тоа како ризоматско ширење низ порите на творечката и општествената динамика, и присуството на здружувањата/колективите како суштинска појава во македонскат современа уметност. Освен тоа, овој проект и методолошки e најтемелно разработен и има консекветност во постапката, која нуди темелно архивирање, анализирање и подредување во краен продукт. Дополнителната важност на проектот е што ќе се истражува мотивираноста и ефектите на уметничкиот колектив како микросоцијална, неинституционална заедница чии што припадници остваруваат заедничка идеолошка, уметничка, методолошка и политичка вредност, која почива врз конститутивните елементи на критичката рефлексија. Нестабилноста, отвореноста и хетерогеноста на ваквите групи, особено во Македонија, е специфичен феномен кој до сега нема значајна истражувачка вкотвеност во теоријата на уметноста кај нас. Токму затоа е важен овој труд бидејќи преку него ќе се допре до оние тенденции на уметникот кои преку теориските модели длабоко пенетрираат во духот на времето, во социо-културните и политичките дамари, создавајќи негова синергија и вкотвеност во промислувањето и креирањето на политиките и политичкото. Уметникот, вака согледан, не е веќе само ефемерност туку проективен творец кој преку своето дело ги анализира односите на моќ и ги (ре)формулира во уметнички формации кои оставаат трага за и во политичкото на едно време.

За авторите:

Ивана Васева (1984, Скопје) e независен куратор и историчар на уметноста. Дипломирала во 2007 година на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на Катедрата за историја на уметноста и археологија со дипломската теза: Критички дискурс: Доналд Б. Каспит). Била учесник на познатиот кураторки програм на de Appel Curatorial Programme во Амстердам, Холандија (2011/12). Фокусот на нејзиниот кураторски интерес во последните неколку години се однесува на преиспитувањето на улогата на уметноста во поширокиот социо-политички и економски систем.

Филип Јовановски (1979, Битола) e визуелен уметник и граѓански активист. Магистрант на Факултетот за ликовни уметности, отсек – сликарство во Скопје (2012). Неговите дела се во полето на истражувачки интердисциплинарни проекти кои често користат кураторски пристап и претставуваат трансформација на политички и социјални категориии во просторни слики.Од 2007-ма година уметнички директор на фестивалот за современа уметност АКТО во Битола, исто така член и еден е од основачите на Иницијативата КООПЕРАЦИЈА (2012-), ЈАДРО (2012-) асоцијацијата на независната културна сцена како и неколку други неформални граѓански и активистички иницијативи.

Ивана Васева и Филип Јовановски се автори на кураторскиот проект ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност. Истражувањето „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ ќе биде претставено оваа есен на Симпозиумот на AICA Македонија и ќе биде објавено на веб порталот на здружението на македонски и англсики јазик.

За наградата:

Наградата „Ладислав Баришиќ“ за Предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста кај нас.

Недостатокот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност, е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина, која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзина артикулација во контекст на современите уметнички продукции.

Оттука, наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.