11. декември, 2019, во 20,00

Музеј на современата уметност, Скопје

 

Програмата на работната сесија на Годишниот симпозиум на AICA Македонија 2019 вклучува излагања и дискусија на тема Уметноста и прекаријатот на просторот и е конципирана и модерирана од Тихомир Топузовски. 

Темата на симпозиумот се однесува на прашањата за тоа како културните и уметничките практики се испреплетуваат, отсликуваат,  спротивставуваат или ја посочуваат прекаријатноста, односно состојбите на општествена нестабилност, ситуации на илегална работа, маргинализираност и живеење постојано под еколошка закана. Фокусот е на потребата да се проследат практиките што претставуваат сосема поинаков пристап на уметничко дејствување, со цел да се дојде до одредени промени на проблемите кои се одлика на прекаријатноста, во одреден геополитички контекст, односно во случајот на овој симпозиум во регионот на Западниот Балкан.

 Учесници: Данило Прњат, Владимир Јанчевски, Славчо Димитров, Артан Садику

Организација: Управен одбор на AICA Македонија. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје и семејството Баришиќ, со институционална поддршка од НУ Музеј на современа уметност – Скопје.

Данило Прњат (1982) е  уметник од Црна Гора кој живее и работи во Белград. Во моментов тој е докторант по комуникација и медиуми/уметност и критичка мисла (4-та година) на European Graduate School (EGS), Saas-Fee, Швајцарија. Учествувал на бројни изложби, конференции и дискусии за уметност. Има реализирано разновидни (уметнички) проекти и работилници кои ја истражуваат политиката на партиципативна пракса и колективна работа. Повеќе информации за неговата работа можат да се најдат на: www.daniloprnjat.com Неговите критички текстови главно се објавени на Интернет портали посветени на критика на либералната култура (www.dematerijalizacijaumetnosti.com). Во моментот е член на групата / кооператива Минипогон ( www.irational.org/minipogon).

Владимир Јанчевски (1984 / Скопје) е самостоен истражувач кој живее и работи во Скопје. Паралелно работи во областа на современата уметност и визуелните студии. Негов предмет на интерес се проблемите и предизвиците на интердисциплинарното истражување, границите и вкрстувањето на уметничката практика и теоријата на сликите, потоа ангажираната уметност, интервенции во јавен простор и социополитички феномени, како и современите форми на цензура и иконокластички акти.

Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност.  Организирал повеќе самостојни и групни изложби. Во 2018 година поканет е како ко-куратор на 12-тото Биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност-Скопје. Учествувал на панел дискусии и одржал јавни предавања во Скопје (УГД-Штип/Музеј на Македонија, 2018; ФЛУ, 2018, 2016, 2015; СЦ Дуња, јули/септември 2017; Фестивал „Другаприказна“ МСУ, септември 2017), Битола (Фестивал за современи уметности АКТО 2013, 2014,2018), Струга (ДримОн, јули 2015), Фрајзинг/Минхен (Open Sysyems, јуни 2014) итн. Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции организирани од универзитети во Риека, Будимпешта, Клуж, Скопје и др. Како дел од јадрото на уметничката Иницијатива КООПЕРАЦИЈА (2012-2015), коорганизирал, кокурирал, модерирал и пишувал за петнаесетина интернационални настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии посветени на актуелни теми. Автор е на повеќе од 50 текстови за современата уметност, теоријата на сликата, како и текстови за современите визуелни уметници .

Славчо Димитров (1984) има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира, првин, на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Кембриџ. Моментално ја работи својата докторска теза на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград. Работел како асистент на последипломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан, и на додипломски и последипломски студии на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГИДУНУМ, Белград. Во последните неколку години има координирано голем број на академски проекти и летни школи, како и проекти во областа на човековите права на маргинализираните заедници, со посебен фокус на квир активизмот. Основач е на интернационалната Летна школа за сексуалности, култури и политики. Исто така е еден од основачите на Центарот за истражувања на идентитети, култури и политики, ИПАК.Центар во Белград. Курирал повеќе уметнички и културни проекти, а во последните три години е куратор на фестивалот Викенд на гордоста Скопје. Во Коалицијата работи од почетоците на нејзиното основање, како член, како координатор и како директор. Неговиот активистички интерес се однесува на политиките на настраноста (квир политики), сексуалното и родовото граѓанство и еднаквост, правата на маргинализираните заедници и нивното испресекување со прашањата со социјална правда. Теориските и истражувачки интереси ги опфаќаат проблемите од пост-основоположничката политичка филозофија, политичкото, естетското, културата, социјалната кореографија, и родот и сексуалноста. Има објавено повеќе текстови во списанија и зборници во Македонија, регионот и Европа, а е автор и уредник на три книги.

Артан Садику е истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните пракси во политиката и уметноста. Работел во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје каде ја водел Школата за критика и политика и е основач на Левичарското Движење Солидарност и Културниот Клуб Синдиката. Студирал и истражувал во универзитетите во Минхен, Балтимор, Осло и Амстердам. Тој беше еден од клучните актери во протестните движења АМАН!, #протестирам и Академскиот Пленум, а во моментот е дел од организациониот и програмскиот борд на КРИК фестивалот за критика култура. Редовен соработник е на регионални и меѓународни списанија како Le Monde Diplomatique, Journal Identities и Bilten. Неговите последни текстови се однесуваат на просторот за уметноста во општеството и естетската форма на работниците

Тихомир Топузовски (Скопје, 1978.) дипломирал на Филозофскиот Факултет во Скопје и на Академијата на ликовни уметности во Скопје, каде има одбрането и магистерски труд, а докторирал на Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија. Досега има објавено поголем број трудови во домашна и странска периодика, учествувал на повеќе семинари и конференции, а со свои дела има настапувано на повеќе на групни и самостојни изложби во земјава и странство. Добитник е на повеќе награди и истражувачки грантови.