На предлог на членството на македонската секција на AICA, Натали Рајчиновска Павлеска и Владимир Јанчевски се примени за нови членови на Друштвото на критичарите. Предлогот беше официјално одобрен и од Управниот одбор на AICA INTERNATIONAL во Париз во април 2022г.

Натали Рајчиновска Павлеска (1982, Битола) е независен истражувач во областа на современите уметнички практики, ликовната критика, историјата на уметноста и теоријата. Дипломирала на Архитектонскиот факултет и магистрирала на Филозофскиот факултет на Институтот за Историја на уметноста, модул современа уметност при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Докторанд е на Факултетот за Трансдициплинарни студии на современата уметност и медиуми при Универзитет Сингидунум во Белград. Предавач е на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на предметот Историја и теорија на уметноста.

Владимир Јанчевски (1984, Скопје) истражувач од Скопје, кој паралелно работи на полето на современата уметност и визуелните студии. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, односот уметност и политика,  ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти. Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност (2009-2011). Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од здружението на ликовни критичари АИКА-Македонија. Од почетокот на 2021 година е ангажиран како соработник на Музејот на современа уметност- Скопје, од 2022 како кустос во одделението за депо и збирки.