Кунстхале Виена/Kunsthalle Wien Museumsquartier во соработка со Музејот на современата уметност Скопје ја претставува изложбата No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection, која во главниот австриски град ќе биде отворена од 20. април 2023 до 28. јануари 2024 година.

Курирана од уметничките директори на Кунстхале Виена, кураторскиот колектив What, How & for Who/WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ) изложбата го претставува карактерот и значењето во денешен контекст на збирката на Музејот на современата уметност, настаната како резултат на подароците на уметнички дела од уметници од целиот свет во знак на солидарност во повторната изградба на Скопје по разорниот земјотрес во 1963 година.

Кураторките поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и да осмислат поставки со кои ќе воспостават дијалог помеѓу одбраните дела и нивната сопствена авторска работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност.

„Колекцијата на МСУ е како временска капсула во која е сочувана меѓународната уметност од најславните денови на модернизмот. Поканивме 6 уметници: Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул). Секој од нив избра дела од колекцијата на МСУ и ги охрабривме да изложат свои дела, правејќи интимна врска помеѓу делата на големите уметници и нивната уметност. Она што е заедничко за овие уметници е нивниот посебен пристап кон препрочитување и преработка на историите на уметноста и општеството. Покрај нив ја поканивме и фотографката Елфи Семотан (Виена), која е позната по раскажување приказни преку фотографии. Таа направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ. Дополнително, од писателката Барби Марковиќ (Виена), позната по остриот спој на фикцијата и социјалната реалност, побаравме да напише патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје“, објаснува кураторскиот тим, “What, How & for Whom“.

Од вкупната збирка на МСУ, која брои над 5.500 дела, во Виена се изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници, вклучени во овој проект.

„Соработката на МСУ со Кунстхале Виена е досега најкомплексниот проект за нашиот музеј. Ова претставување, не е само проект на МСУ, туку настан од национален интерес за нашата земја. Не само поради тоа што ќе бидат изложени голем број дела од нашата колекција, туку и заради фактот што делата ќе можат да се погледнат во еден посетен простор, каков што е Кунстхале, во центарот на музејскиот кварт во туристичка Виена. Оваа сложена операција нè охрабрува да планираме уште поамбициозни проекти и соработка со други партнерски институции низ Европа. Нè радува што изложбата во Виена, уште неотворена, веќе буди толку голем интерес, што можеби веќе следната година ќе гостува и во Прага“, вели Мира Гаќина, директорка на МСУ – Скопје.

Концептот и насловот на изложбата, кураторките тесно го поврзуваат со тоа како се градеше уметничката колекција на МСУ. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година во Скопје, покрај големата материјална штета и многуте човечки жртви, Обединетите нации и Меѓународната асоцијација на уметници, сметаа дека и културата е клучна алка во подигнувањето на духот на скопјани. Затоа, иницираа повик до светски познатите уметници да донираат дела. Бројните донации на уметнички дела направија МСУ да стане симбол на солидарноста, која денес е трајна вредност во колективната меморија на македонската јавност.

„За наслов на изложбата, земавме стих од австрискиот поет Рајнер Марија Рилке: „Ниту едно чувство не е конечно“, кој ја нагласува динамиката на емоциите и нивната врска со времето и контекстот и влева надеж дека поимот „солидарност“ може да се обнови и зајакне, дури и по подолго време. Насловот предизвикува и чувство на амбивалентност и неизвесност, како и прашање што значи солидарност во нашиот современ свет“, вели кураторскиот тим.

Дел од изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и архивата на МСУ. На изложбата ќе бидат претставени и 5 архитектонски макети на постземјотресно Скопје, дел од збирката на Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков.

Уметници: Брук Ендрју, Јане Чаловски и Христина Иваноска, Синиша Илиќ, Иман Иса, Ѓулсун Карамустафа, Барби Марковиќ, Елфи Семотан

Во изборот на дела од колекцијата на МСУ, вклучени се: Пјер Алешински, Џетулио Алвиани, Димитар Аврамовски Пандилов, Енрико Бај, Георг Базелиц, Ана-Ева Бергман, Марија Бономи, Алберто Бури, Зофија Бутримович, Александар Калдер, Луис Камницер, Кристо и Жана-Клод, Бронислав Кроми, Питер Кларк, Божидар Дамјановски, Јосип Демировиќ Девј, Јосип Диминиќ, Слободан Филовски, Мишел Жерар, Јон Григореску, Шила Хикс, Дејвид Хокни, Алфред Хрдличка, Богољуб Ивковиќ, Олга Јевриќ, Олга Јанчиќ, Џаспер Џонс, Алекс Кац, Золтан Кемени, Рудолф Кривош, Бошко Кучански, Вифредо Лам, Сол ЛеВит, Ото Лого, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Роберто Мата, Зоран Мушиќ, Мерет Опенхајм, Олга Печенко-Шедничка, Душан Перчинков, Пабло Пикасо, Богоја Поповски, Хоан Рабаскал, Вјенцеслав Рихтер, Бриџит Рајли, Иван Саболиќ, Ники де Сент Фал, Франческо Сомаини, Франсоа Стали, Хенрик Стажевски, Глигор Стефанов, Куми Сугаи, Анета Светиева, Беата Шечи, Димо Тодоровски,  Томо Владимирски, Виктор Вазарели, Владимир Величковиќ,  Марјан Војска.

Photo credit: eSeL.at – Lorenz Seidler