По повеќегодишен период, конкурсот за Наградата „Ладислав Баришиќ“ за современо критичко пишување, која ја доделува АИКА Македонија, повторно побуди значителен интерес. На конкурсот пристигнаа седум пријави, од кои, по првичната селекција, три текста влегоа во потесниот избор.
Трите селектирани текста беа предмет на стручна евалуација од жири-комисијата во состав Владимир Јанчевски, Натали Рајчиновска-Павлеска и Билјана Тануровска-Ќулавкоски, членови на АИКА Македонија.
Значителниот интерес за конкурсот, разновидноста на пристигнатите текстови и различните аргументирани позиции во рамките на жири-комисијата придонесоа процесот на евалуација и конечниот избор да траат подолго од првично предвиденото, со цел селектираните текстови да бидат внимателно и темелно разгледани.
Жири-комисијата ги разгледуваше текстовите според шест критериуми: оригиналност на темата и пристапот, аналитичка и критичка длабочина, квалитет на аргументацијата, релевантност на истражуваното прашање, квалитет на пишувањето и јасност на изложувањето и придонес кон развојот на современата критичка мисла.
Трите селектирани текста отвораат различни и актуелни прашања во современата уметност и култура.
Јованка Попова, во текстот Музеј на солидарност, го разработува концептот на музејот на солидарноста, преиспитувајќи ја современата улога на музејот и неговите институционални, општествени и политички релации.
Мања Величковска, во текстот Настраните на крајот на светот: Анализа на есхатолошката антиродова имагинација во македонската квир култура, ги анализира механизмите преку кои квир телата, знаењата и културните содржини се конструираат како општествена закана, поаѓајќи од конкретни примери од современиот македонски културен контекст.
Билјана Исијанин, во текстот Улогата на уметникот во време на замена на стварното, ја истражува трансформацијата на улогата на уметникот во услови на дигитализација, виртуелност и технолошки посредувана стварност, отворајќи прашања за новите критериуми на вреднување и за позицијата на уметникот во дигиталната култура.
Според збирната евалуација на жири-комисијата, Мања Величковска освои 42 бода, Јованка Попова 37, а Билјана Исијанин 33 бода.
Значењето на текстот на Мања Величковска се согледува во оригиналното поврзување на конкретни случаи од современата македонска уметност и култура со поширока критичка и теориска рамка.
Поаѓајќи од антиродовите реакции кон изложбата Горчлив шеќер на Ѓорѓе Јовановиќ и кон творештвото на Јован Јосифовски, како и други примери од полето на уметноста, но и пошироко, авторката истражува како културните содржини, телата и идентитетите се конструираат како општествена закана. Особено значајно е читањето на визуелниот јазик на Јосифовски, преку кое се откриваат врските меѓу семејното насилство, национализмот, религијата и квир искуството, зачувувајќи ја сложеноста на уметничките постапки и нивниот критички потенцијал.
Преку анализата и критичкиот осврт текстот го надминува непосредниот повод и отвора пошироки прашања за односот меѓу уметноста, идеологијата, јавниот дискурс и институционалниот простор, како и за улогата на критичкото пишување во нивното препознавање и преиспитување. Токму поврзувањето на актуелен локален феномен со пошироки современи општествени и теориски прашања го издвојува текстот како релевантен придонес кон критичката мисла за современата визуелна култура.
Врз основа на резултатите од евалуацијата, Наградата „Ладислав Баришиќ“ за современо критичко пишување за 2026 година ѝ се доделува на Мања Величковска за текстот Настраните на крајот на светот: Анализа на есхатолошката антиродова имагинација во македонската квир култура.
АИКА Македонија им се заблагодарува на сите седум учесници за покажаниот интерес, вложениот труд и доставените текстови. Особено радува фактот што, по повеќегодишен период, конкурсот повторно побуди значителен интерес и отвори простор за критичко пишување и истражување во областа на современата уметност и култура.
Ги охрабруваме сите учесници, како и идните автори, да продолжат да ги развиваат, објавуваат и споделуваат своите истражувања и критички текстови, придонесувајќи кон развојот и видливоста на современата критичка мисла и јавниот дијалог во областа на визуелните уметности.
Согласно условите на конкурсот, наградениот текст ќе биде јавно претставен во рамки на годишниот симпозиум на АИКА Македонија и објавен на платформите на Здружението.
АИКА Македонија ѝ упатува искрени честитки на овогодишната добитничка Мања Величковска и ѝ посакува успех во понатамошната истражувачка и критичка работа.
Честитки и до Јованка Попова и Билјана Исијанин за пласманот во потесниот избор и за нивниот придонес кон овогодишното издание на Наградата „Ладислав Баришиќ“.
АИКА Македонија