Годишниот симпозиум на Македонската секција на Меѓународното здружение на ликовни критичари – АICA ќе се одржи на 27 ноември 2026 година (петок), со почеток во 13:00 часот, во Чифте амам, Скопје.
Овогодинешниот симпозиум, под наслов „Архитектура на институционалното“, ќе биде посветен на критичкото преиспитување на функционирањето на културните институции, професионалните стандарди, институционалната одговорност и односите што го обликуваат современото културно поле. Намерата е да отвориме простор за аргументирана дискусија, размена на искуства и конструктивни предлози за унапредување на институционалните и професионалните практики.
Иницијатори на темата и воведни говорници:
- Викторија Васева Димеска
- Натали Рајчиновска Павлеска
- Ана Франговска
Симпозиумот е замислен како отворена платформа за разговор и размена на различни критички позиции. Сите членови на АИКА, како и други заинтересирани стручни лица кои сакаат да се вклучат со сопствено излагање, размислување или конкретен придонес кон темата, се повеќе од добредојдени.
Воедно, ве повикувам активно да се вклучите и во предлагањето на кандидати за годишната награда „Борис Петковски“, во трите предвидени категории.
- За континуиран придонес во областа на уметничката критика
- За најдобар критички текст
- За најдобар теоретски или истражувачки труд
Ве молам вашите предлози, придружени со кратко образложение и соодветни материјали што ја поткрепуваат номинацијата, да ги доставите најдоцна до 20 ноември 2026 година.
Ана Франговска
Претседател, AICA Македонија