Бојан Иванов

Мотивот на незадолството, следствено, е погон на празниот простор, на отсуството на историско објаснување и на историчност во разбирањето на (не)актуелноста на ликовната критика.

Неколку цртички за преобразбата на претставите на ликовната критика … во овдешноста

1. За критиката и за мотивот на незадоволството

Навиките се златни пранги на мислењето. На нив е призакачен оној неподнослив товар на повторувањето вистини за нештата и појавите: од дисциплините на културата, преку знаењето на општествените инстанци и институции, сè до самото секојдневие на личниот опит во светот. Ете, ова се рамките на натамошното излагање за ликовната критика како навика на вистината, но и за некои други навики коишто, во ист степен и опфат, ја имаат надживеано сопствената стварност.

Фигурата на златните пранги ја претставува навиката како сопствена последица и заклучок, како став изграден врз два спротиставени мотиви – морална осуда на неисполнетите очекувања и идеолошка недоволност од формата на тие очекувања. Вториот мотив е, речиси исцело, заслужен за противречностите од коишто е изградена фигурата: слободата во изобилие и удобност (злато!) и господарењето со телото (пранги!). Ете, ова е устројството на натамошното согледување за втемеленоста на тековното афирмативно промислување на ликовната критика во оние, одамна надживеани, навики да им се робува на навиките.

Мотивот на незадолството, следствено, е погон на празниот простор, на отсуството на историско објаснување и на историчност во разбирањето на (не)актуелноста на ликовната критика.

2. Во овдешноста и ниту чекор понатаму

Веднаш ќе ги поставам границите на веродостојноста во моето сведоштво за нештата – бидејќи … тоа е само сведоштво, нели? Пред сè, предметот на ова излагање, како и на самиот обид за согледување, е ликовната критика во овдешноста – разбрана онака како што ми е достапна. Овдешноста е тип на темпорализација којашто се состои од мрежа на поврзани и сè уште неповрзани, заеднички искусени собитија – инстанци на историчноста коишто некој ги памети, а некој друг заборавил дека ги памети. Всушност, овдешноста наликува на извесна конвергенција на општественото време во просторот на сегашноста, во сингуларноста на личното толкување на стварноста.

Паметам дека во времињата кога почнав да го учам занаетот, македонската ликовна критика – а, впрочем, и ликовната критика во целина – беше тематизирана од едно споделено чувство на сеприсутна криза: дисциплинарна, еколошка, стопанска, … криза на општествената целисходност и на модерниот проект, воопшто. Во мојата овдешност, ликовната критика се практикуваше како дискурс за кризата на знаењето на коешто критичкиот чин му ја посветува сопствената инвокација; кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век, естетиката беше веќе сосема неважна, философијата беше заменета со теорија, а методологиите на структурализмот и пост-структурализмот се учеа преку релативно несистематичното зафаќање од тематизациите на широк спектар (анти-историски!?) дисциплини – психологија, социјална антропологија, лингвистика, наратологија … Во работни термини соопштено, македонската ликовна критика во текот на, речиси, целите осумдесетти години на минатиот век, го живееше залезот на сопствените општествени функции и методи, односно, го оплакуваше бледнеењето на сопствената улога на некој вид пристап, на некаков увод во универзалниот „имагинарен музеј“ на транцеденталните вредности на човештвото.

3. Кон сегашноста на претставите

Тука морам, без одлагање, да го подвлечам фактот дека претставата за ликовната критика како домен на „духовните вредности“ е општо место на денешниот глобален (телевизиски?!) израз на културната критика, насекаде подеднакво; поточно, кога некој некаде ламентира за изгубените доблести на минатото врз анализата на тековните состојби на ликовната критика, тогаш, во основа, најчесто станува збор за обична манипулација со една симболичка форма на празното политичко морализирање.

Она, пак, што кон крајот на претходното и во текот на првата деценија на ова столетие најсилно го одбележа производството на претстави за ликовната критика е чувството на трагичност, разбрано во една просветителска смисла како судир помеѓу две позитивно определени содржини, како војна на доброто против доброто. Одвивањето на оваа трагедија во три чина – смртта на уметноста, крајот на времето и духовната катастрофа – повеќето од моите колеги-врсници се решија да заборават дека го помнат, главно поради силниот бран на де-марксификација којшто го исплакна културниот простор на сегашноста и поради удобноста на нео-либералната ложа од којашто тие ги набљудуваа трагичните дејствија на (ликовната?!) сцена. А актерите на трагедијата? … тоа се обични метонимии за историскиот пораз којшто на културата, образованието и политиката им го нанесе Капиталот.

4. Од слика до фигура, или, за туберкулозната убавица

Напросто сум преплавен од нејасни чувства пред сликата на ликовната критика којашто, ете, лежи на својата смртна постела. Навиките ми налагаат да ја замислам како млада, убава девојка којашто полека и тивко копнее … без болки, без маки и страв пред страшната судбина. Наедно, на некој таинствен начин, знам дека нејзината болест е само предупредување и повик на акција; во стаклениот, сè уште отворен ковчег на сегашноста лежи Снежана ( или живиот мртовец – Трнорушка!?) којашто го очекува бакнежот на спасението; нејзиното заробено, а здраво тело го чека своето историско ослободување од прангите на нечовечката моќ и господарење.

Сепак, бидејќи доволно долго сум во занаетот на помнењето, не можам да си допуштам подолго замајување со еротската слика на ликовната критика како туберкулозна убавица. Наместо тоа, ќе предложам една фигура којашто, едновремено, стои за признак на тековната фактичност и за претстава на историската конјуктура – тоа е фигурата на современиот (македонски?!) ликовен критичар со којашто, скоро во целост, можам лесно да се поистоветам. Тој (главно, во машки род!?) е, или структурно невработен, односно, учествува во резервната армија на Капиталот, или пак, е на возраст којашто го вбројува во структурно невработливата пешадија од армијата на основната, пазарна потрошувачка. Тој – тоест, во оваа итерација може да се каже и таа – дејствува во амбиентот на ликовното творештво коешто на ист начин, но во разновидни модалитети, го споделува искуството на структурната невработеност и невработливост. Така, тековните состојби на ликовната критика (насекаде!) би можело да се согледаат во согласност со стварните процеси на глобалната поделба на трудот: простори на капитална добивка, простори на производство, простори за репродукција на потрошувачката … или, накусо, зони на акумулација и зони на екстракција.

Судирот со тешкотиите во неуспешниот обид да се променат состојбите, претполага внимателно разгледување на условите на самиот неуспех. Во тој поглед, мислам дека е мошне важно да се разбере основниот извор на привлечните, а крајно неуверливи слики на болката и болеста на ликовната критика – се работи за лошата навика, сликата на она измачено и изобличено тело на културната целисходност, да се толкува како жртва на некакви, бесмислени (локални!?) пројави на моќ и господарење. Оттука, од пресудна важност за општествената валидност на секој дискурс за ликовната критика – како, впрочем, и за културата воопшто – е согледувањето на состојбите во рамките на процесите на економската експлоатација, … како крајна инстанца на системот, … и не само во периодизацијата на овдешноста, туку и во просторот на сегашноста.

 

Текстот на Бојан Иванов е прилог кон симпозиумот на AICA Македонија во 2014 година, на тема Ликовната критика денес: “Но, јасно, и критика на уметноста“ .