Здружението на ликовни критичари AICA Македонија со задоволство ја објавува одлуката на Комисијата за доделување на годишната награда „Ладислав Баришиќ“, која оваа година ѝ се доделува на д-р Иванка Апостолова Баскар за истражувачкиот проект
„Вознемирен критичар – Вознемирувачка критика – Немирна ликовност“.
Комисијата, во состав Елена Велјановска, Горанчо Ѓорѓиевски и Зоран Петровски, по разгледувањето на пристигнатите предлози едногласно ја донесе оваа одлука, оценувајќи дека проектот на Апостолова Баскар претставува значаен придонес во истражувањето на историјата на уметничката критика во Македонија, особено во контекст на делувањето на Ладислав Баришиќ, во чие име се доделува ова признание.
Предложениот проект отвора нови критички и теоретски перспективи за разбирање на улогата на критиката во современата уметност и нејзините односи со уметничката практика денес. Како што е наведено во образложението, Апостолова Баскар планира своето истражување да го развие во есеј-филм, кој вклучува компаративна анализа, интервјуа со историчари на уметност, критичари и уметници, како и визуелен сегмент што ќе го претстави процесот како динамичен дијалог меѓу теоријата, праксата и меморијата на критиката.
Членовите на Комисијата особено ја истакнаа актуелноста и храброста на темата, како и нејзиниот потенцијал да го разбуди полемичкиот дух во рамките на уметничката заедница и да иницира нови размислувања за функцијата на критиката во културните и општествените процеси.
Со оваа награда, AICA Македонија и оваа година ја потврдува својата заложба за поддршка и афирмација на критичкото мислење, истражувачките и теоретските практики во современата уметност, како и за зачувување на меморијата и континуитетот на ликовната критика во Македонија.
Во продолжеток е образложението на Комисијата во целост:
Комисијата за доделување на Наградата „Ладислав Баришиќ“ на Здружението на ликовни критичари AICA Македонија, во состав Елена Велјановска, Горанчо Ѓорѓиевски и Зоран Петровски, по разгледувањето на поднесените предлози донесе едногласна одлука Наградата да ѝ ја додели на д-р Иванка Апостолова Баскар за истражувачкиот проект Вознемирен критичар – Вознемирувачка критика – Немирна ликовност.
Во донесувањето на одлуката, Комисијата констатираше дека по 10 години од востановувањето на оваа награда, предлогот на д-р Иванка Апостолова Баскар е всушност прв предлог за труд којшто поаѓа од историјата на критиката во Македонија, видена низ призма на значењето на критичката активност на Ладислав Баришиќ во чија чест е насловена годишната награда на AICA Македонија. Врз таа основа, Апостолова Баскар во својот предлог најавува анализа на изборите и ставовите во критичките текстови на Баришиќ, поставувајќи притоа и редица отворени прашања, кои што се релевантни за критиката и нејзините релации со уметноста денес.
Видео есејот со којшто Иванка планира да ни го претстави во завршна форма својот труд, како што се вели во образложението на предлогот, вклучува и компаративна метода за значењето на критиката низ живи сведоштва со „серија на стручни интервјуа со историчари на уметност, критичари, ликовни кустоси и куратори, живи уметници – практичари за чии опуси критички премислувал и делувал Баришиќ“. Поаѓајќи од таа динамично сфатена историска перспектива, предлогот на Апостолова Баскар е замислен да се развие во инвентивен и провокативен „истражувачки ликовен есеј проследен со наменски контекстуални теренски фотографии, адаптирано сценарио и финален видео есеј – како визуелен апендикс на истражувачкиот, креативниот и трансформативниот процес, кој води до финалниот видео резулат“.
Во дел од коментарите на членовите на Комисијата беше истакнато дека „истражувањето ќе биде интересно и за помладите генерации, а ќе го постави и прашањето зошто наградата го носи ова име воопшто, но и за нејзиното значење и дека тоа може да биде убав историски документ.“ Исто така, еден од коментарите забележува дека „Иванка поставува редица прашања, но веројатно и ги има одговорите и без оглед на тоа како таа ќе го сработи своето најавено истражување, таа е тематски до сега најблиску до целите на оваа награда. Прашувајќи се притоа ‘Дали стручната критика е застарена форма и експресија?’ предлогот на Иванка нуди теми за занимлива натамошна дискусија.“
Имајќи ги во предвид овие добро поставени и елаборирани концептуални и методолошки пристапи во предлогот на Иванка Апостолова Баскар, Комисијата сметаше дека треба да и ја даде довербата во реализацијата на нејзината замисла, надевајќи се дека успешно ќе ги оствари своите амбициозно поставени цели и уште повеќе да го разбуди полемичкиот дух и потребата за конструктивен и плоден дијалог меѓу членовите на Здружението, но и да го сврти вниманието на пошироката уметничка и друга стручна заедница и заинтересирана публика кон прашања кои ветуваат поголема присутност на уметноста и улогата на критиката во културните и општествени процеси.