Награда „Ладислав Баришиќ“ за современо критичко пишување

АICА Македонија – 2026

Здружението на ликовни критичари АICА Македонија го објавува конкурсот за годишната награда „Ладислав Баришиќ“, наменета за необјавен авторски текст од областа на современата визуелна уметност, визуелната култура и критичката теорија.

Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941–1991), историчар на уметност и ликовен критичар чие дејствување остави значаен белег во македонската културна јавност. Неговите текстови се препознаваат по аналитичноста, интелектуалната независност и доследната критичка позиција кон уметничките и општествените појави на своето време.

Во услови на сè помал простор за аргументирана и аналитичка критика, наградата има за цел да поттикне современи форми на критичко пишување и да афирмира авторски текстови кои нудат нови читања на уметноста, културата и општеството.

Право на учество имаат историчари на уметност, ликовни критичари, куратори, теоретичари, истражувачи, уметници и автори од сродни дисциплини кои во својата работа се занимаваат со современата визуелна култура. На конкурсот можат да учествуваат државјани на Република Северна Македонија, како и странски државјани кои живеат и работат во земјата најмалку една година. Право на учество немаат членовите на Управниот одбор на АICА Македонија.

Услови за учество

На конкурсот може да се пријават необјавени авторски текстови напишани на македонски или англиски јазик.

Текстовите можат да обработуваат теми поврзани со:

– современата визуелна уметност;

– визуелната култура;

– критичката теорија;

– кураторските практики;

– музеите и институциите;

– културните политики;

– јавниот простор;

– архивите, меморијата и наследството;

како и други прашања релевантни за современата уметност и култура.

Прифатливи се критички есеи, теориски анализи, истражувачки текстови и други форми на авторско критичко пишување.

Текстот треба да биде во обем од 3.000 до 8.000 зборови и да не бил претходно објавен во печатен или дигитален медиум.

Критериуми за оценување

Стручната комисија ќе ги оценува:

– оригиналноста на темата и пристапот;

– аналитичката и критичката длабочина;

– квалитетот на аргументацијата;

– релевантноста на истражуваното прашање;

– квалитетот на пишувањето и јасноста на изложувањето;

– придонесот кон развојот на современата критичка мисла.

Потребни материјали

Кандидатите треба да достават:

– текст во PDF или Word формат;

– кратка биографија (до 300 зборови).

Награда

Наградата „Ладислав Баришиќ“ изнесува 30.000 денари (бруто).

Наградениот текст ќе биде јавно претставен во рамки на годишниот симпозиум на АИКА Македонија и објавен на платформите на Здружението.

Рокови

Конкурсот е отворен од 15.06 до 15.07. 2026 година.

Добитникот на наградата ќе биде објавен најдоцна до 01.08. 2026 година.

Пријавување

Материјалите треба да се испратат на:

aicamacedonia@gmail.com

со назнака:

„За наградата Ладислав Баришиќ“

АICА Македонија ја препознава критиката како простор на интелектуална слобода, јавна одговорност и активен однос кон современата уметност и култура. Наградата „Ладислав Баришиќ“ има цел да ги поддржи авторите кои преку своите текстови придонесуваат кон развојот на критичката мисла и јавниот дијалог во областа на визуелните уметности.