По кусо боледување, на 68 години почина карикатуристот, историчар на уметноста, куратор и ликовен критичар Лазо Плавевски.

Роден во 1954 во Скопје, Плавевски остави значајно творечко наследство во текот на својата повеќе од четиридецениска професионална активност, а до пензионирањето во 2021 работеше како кустос-советник во Музејот на Град Скопје.

Како куратор има организирано голем број самостојни и групни изложби на современи македонски автори, беше редовен соработник на списанието за визуелни уметности „Големото стакло“ и автор на бројни текстови и осврти за современата македонска уметност.

Лазо Плавевски беше член на Македонската секција на AICA од нејзиното основање во самостојна Македонија во 1993 година.

Карикатури почна да објавува во 1970, а во 1976 ја доби Гран при наградата на Светската галерија на карикатури во Скопје. Ги има објавено книгите „Нема книга / карикатури 1990-1993“ и „Картички“ (заедно со Мирослав Грчев).

На 16 април минатата година, во МСУ беше отворена неговата самостојна изложба „На тенок мраз“, на која беа презентирани околу 200 оригинални и дигитални принтови на карикатури, што од 2015 ги објавуваше на сајтот „Окно“.