Овој зборник текстови произлегува од потребата за создавање простор за колективно критичко мислење во услови на растечка антиродова реторика и политички неоконзервативен притисок. Наместо да се прифати окупацијата на јавниот дискурс, зборникот настојува да ги врати поимите во нивната аналитичка и еманципаторска димензија, нудејќи алатка корисна за студенти, наставници, академски работници и пошироката јавност. Неговата структура се движи низ повеќе дисциплини, методолошки рамки и терени, од историја до биологија, од политичка економија до теории на телесноста, од филозофија до социологија и антропологија, од неврологија и еволутивна биологија до биополитика,  од југословенскиот социјализам до современите квир студии, сѐ со намера да ги поврзе знаењата од различните области коишто јасно ги распетлуваат антиродовите митови и ги демистифицираат родовите идеолошки операции на овие движења. 

Зборникот ги поврзува темелните теории на Џоан Валах Скот, Џудит Батлер, Гејл Рубин, Барбара Џ. Рисман и Џорџијан Дејвис со регионалните историографии на Ивана Хаџиевска, Ивана Пантелиќ и Адријана Захаријевиќ, истражувањето на Франко Дота за ран хомофилен активизам, постколонијалните анализи на Марија Лугонес, Серена Нанда и Џени Андрин Мадсен Еванг, марксистичките и економско-политички согледувања на Холи Луис и Ненси Фрејзер, како и современите научни ревизии на биолошкиот бинаризам кај Џоан Рафгарден, Мајра Џ. Херд, Закари Дубоа, Хетер Шатак-Хајдорн, Хајд, Биглер, Џоел, Тејт, Ван Андерс и Агустин Фуентес.

На настанот ќе разговараат промоторките Ирена Цветковиќ, Јана Јакимовска (Радио Милева) и Калиа Димитрова (МЕДУЗА), а посетителите ќе можат бесплатно да добијат печатен примерок од книгата.