Публикацијата „Присуство“ претставува пресек на истражувачки трудови на добитниците на наградата „Ладислав Баришиќ“, што ја доделува АИКА Македонија. Со ова издание се афирмира континуитетот на критичкото и истражувачкото промислување во областа на современата уметност, кое претставува еден од основните приоритети на националната секција.

Наградата „Ладислав Баришиќ“ е воспоставена во 2014 година, во чест на истакнатиот уметнички критичар и историчар на уметност Ладислав Баришиќ, со цел да се поттикне аналитичката и интердисциплинарна работа во полето на уметноста, теоријата и критиката, без ограничување во однос на академската или професионалната позадина на авторите. Оттука, меѓу добитниците се застапени уметници, теоретичари и куратори кои ја третираат уметноста како сложен општествен, комуникациски и културен систем.

Во ова издание се вклучени следниве автори и проекти:

Мапирање на субверзивноста – Тихомир Топузовски

Кој (по ѓаволите) е политичкиот субјект? Политиката на панкот и на алтернативната естетика во Словенија на почетокот на 1980-тите – Славчо Димитров

Политички слики после смртта на уметноста: фотомонтажните интервенции како релевантна политичка акција и нивната дисеминација во медиосферата – Владимир Јанчевски

Такси – Билјана Исијанин

Политичкиот перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите години – Биљана Тануровска-Ќулавковски и Ивана Васева

Дали сме веќе изгубени? / Are we lost yet? – Велимир Жерновски

Колективното делување како политичка, а не организациска одлука – Ивана Васева и Филип Јовановски

Кога последен пат се чувствуваше целосно жива, љубов моја? – Клелија Живковиќ

Раскинување со уметноста (каква што ја знаеме) – Илија Прокопиев

Дополнително, во рамките на конкурсот беа наградени и истражувачките проекти Женското учество  во современата македонска ликовна/визуелна уметничка сцена по 1991 година на Наде Пешева и Тајните места на Скопје на Благоја Варошанец, кои не се застапени во ова издание поради технички причини.

Со оваа публикација, АИКА Македонија ја продолжува својата заложба за унапредување на критичкото мислење, истражувачкиот пристап и јавната вредност на уметничката анализа како суштински дел од културната инфраструктура. Публикацијата е своевиден архив и потсетник дека критиката не е маргина, туку суштински дел од мисловниот екосистем. Таа ги документира чувствителните варијации на критичко промислување, споните на минатото и сегашноста, индивидуалното и колективното. Преку овие текстови, ја славиме не само изразената анализа, туку и постојаната потрага по значење — потрага што ја држи уметноста и културата жива и ја вкоренува во нашето време.

Д-р Ана Франговска

Претседател на АИКА Македонија

7.11.2025