Анета Светиева е една од најзначајните и највлијателни македонски уметници, која со својат длабоко сугестивен индивидуален израз ја одбележува уметноста во Македонија на преминот од крајот на ХХ век и почетокот на ХХI век. Со монографијата посветена на скулпторкиот опус на Светиева, авторката Викторија Васева Димеска дава сеопфатен преглед на комплексните човечки и уметнички преокупации во творештвото на Анета Светиева.
„Анета Светиева се оформува во Белград во периодот кој ги бележи клучните случувања на општествениот и уметничкиот план. Во атмосфера на стилските поместувања, кон крајот на седумдесеттите, започнува да се моделира нејзиниот ликовeн ракопис. Во 60-тите години, скулптурата на Светиева подразбира анатомски истражувања, со понагласен експресивен гест и меко моделирање со прсти, во 70-тите ја надградува и усовршува формата, за да во 80-тите го пречистува и смирува обликот ставајќи го акцентот на слоевитоста на духовната енергија, оди кон замрзнување на формата. Во своите први настапи во седумдесеттите години, направи придвижување кон една прочистена уметничка поларизација, која критиката ја дефинира како дела со јасно концептуално и изведувачко проседе, надвор од тогашните вообичаени јазични модели. Во периодот 1980-83, Светиева го најде бараниот вајарски јазик и со својата фигурациска определба, успеа да ја изгради и сочува творечката автономност, и во жижата на апстрактните тенденции да биде значен актер на тогашната ликовна сцена. Во 1983/84 година ги оформува циклусите Река 1 и Река 2., чија содржина ја чинат Гулабици и Капачки, но од тие чудесни води се раѓаат, изронуваат и други, симболично именувани обележја. Делата од осумдесеттите, од нејзиниот најплоден творечки период, јасно го изразуваат двојниот пристап кон обликувањето: од една страна мазна, набабрена, замрзната,полна вкочанета форма (Прва наречница со змија,1983; Трета наречница-Гулабица,1983; Втора наречница-Сфинга, 1984; Капачка со подигнати раце, 1984; Големо исправено обележје; Голема исправена капачка; Бела гулабица; Бела капачка; сите од 1987.), додека од друга страна облилукува леплива, гиблива маса со нагаласени траги, отисоци од тактилното гмечење на глината, најчесто применети во малата пластика и во композицијата Големиот град.Во периодот 1992/93година, со еруптивен набој и страст ја моделира приказната за Убавицата и Sверот (1993), каде што човечката фигура (Еросот) и животното – крокодилот (Танатосот), се испреплетени во една андрогина положба – ниту љубов, ниту омраза, ниту грев, ниту наслада, ниту хтонско, ниту уранско, ниту грдо-ниту убаво. Оваа творба е последно нејзино дело во теракота, кое им претходи на последните композиции од нејзиниот опус, Ерос и Танатос и Двојници (Клонови).
Основните карактеристики на скулпторскиот опус на Светиева подразбираат груб, “недовршен“, статичен облик, тактилно, меко моделирање, симболична, суптилна употреба на боја, на врежани орнаменти и на бели инкарнати, исклучителен респект кон материјалот и неговите законитости, лесно совладување на просторот до степен на негвото асимилирање, како и употреба на антропоморфни, зооморфни, флорални и предметовидни форми, просопоморфни обележја, андрогени, биполарни суштества. Сите тие заедно, со своите варијабилни содржини, можат да се групираат во циклусите Река (1 и 2), Двојници, Кај убавицата и Sверот (или Ерос и Тантос). Овие архетипови, или сложени симболични целини упатени кон повеќе култури, зборуваат за ликовните содржини на раните фази на уметноста на Балканот и на Медитеранот, за древните месопотамски култури, за истражувањата на универзалните духовни вредности на раната античка и на христијанската (коптска) уметност, за неолитот, како и за богатата ризница на различни видови народен живот, врзани за далечните религиозни и фолклорни традиции и базирани врз силното чувство за анимизам. Врз виталните, жилави, опстојувачки елементи во ткивото на една традиција и верувања, го пишува и своето митско раскажување за Реките, за хтонските ходници и предворија, за Капачките, за Гулабиците, за Наречниците, за Сфингите, за Високиот град, за Речните божества, за Очекувањата, за Еросот и Танатосот, два комплементарни нагони што го исполнуваат постоењето или психичката реалност на човекот, два најголеми мита во жижата на уметничката космогонија. Тие зборуваат за најдлабоките човечки страдања и стравови и за елементарните животни задоволства и радости, за љубовта, но и за насилството и за смртта, за обидот да се надвладее стравот, ги отвораат вратите кон она другото, непознатото и никогаш разбрано до крај. Свртена кон оние теми и вредности што одамна, со векови, биле присутни во живите преданија, во живата фантазија на македонскиот народ, воспостави една магична синтеза меѓу поетиката на руралното и урбаното, на минатото и сегашното и од елементарните животни ситуации врзани за обичаите, навиките, сеќавањата … создаде импозантно уметничко дело, потполн уметнички одраз на времето.“
Викторија Васева Димеска